МРТВ собра 180.500 денари донација за Ацо Богдановски – Конга
СКОПЈЕ / 14.11.13 / 19:48
Македонската радио-телевизија (МРТВ) ќе префрли околу 180.500,00 денари (близу 3.000 евра) на сметка на Ацо Конга како донација за лекување на познатиот македонски музичар.
МРТВ соопшти дека според официјалните информации, вкупниот број на СМС пораки кои пристигнале изнесува 3260.
Од нив 669 се валидни – пристигнати точно во определениот термин за гласање од 10 минути во рамки на директниот пренос од Скопскиот фестивал. Регистрирани биле пораки пред и по завршување на терминот за гласање, како и огромен број на повторени пораки (од еден телефон гласано е повеќепати).
Сите пораки, независно дали се испратени пред или по терминот, или повторени ќе бидат наменети за донација, соопштува МРТВ.
Јавниот сервис, воедно, ги повикува сите останати кои сакаат да донираат средства за лекување на Ацо Богдановски – Конга тоа да го сторат тоа до крајот на овој месец на телефонскиот број 14741 достапен од сите мобилни оператори во земјава со истата цена на чинење на СМС пораката 35,00 + ДДВ.
Трите водечки оператори- T-MOBILE, ONE и VIP се откажуваа од својот дел од профитот, пренаменувајќи ги средствата за донација на Ацо Конга.
МРТВ изразува благодарност до сите автори, музичари, изведувачи и другите медиуми кои придонесле за повторно заживување на македонската музика.