Уште 20 артефакти пријавени за украдени од Музејот на Македонија
СКОПЈЕ / 13.11.13 / 14:37
Вкупно 80 парчиња артефакти со непроценливо историско и културно значење за земјата се сметаат за украдени, откако кустоси пријавиле дека од депото недостигаат уште 20 артефакти.
Министерството за внатрешни работи потврди дека тројца кустоси пријавиле дека им недостигаат уште дваесетина предмети, пребарувајќи по збирките за кои се одговорни.
Полицијата се уште не утврдила кога се случила кражбата и кои се сторителите.
Во досегашната истрага полицијата не утврдила дека некој насилно влегол во Музејот или во депото каде се чувале артефактите кои сега ги нема.
Полицијата сè уште не може да излезе со детали и сознанија дали некој од вработените во музејот сам или организиран во група ги изнесувал артефактите со непроценливо богатство надвор од музејското депо.
Кражбата беше пријавена минатата недела кога двајца кустоси од Музејот утврдиле дека 60-тина артефакти недостасуваат од збирките коишто ги должеле.
Станува збор златни обетки, прстени, дел од нив сребрени предмети како белегзија, сребрена игла, кои биле најдени на локалитетите Стоби и Исар Марвинци. Предметите датираа од доцноантички период.
Еден ден по пријавата за грабежот, Музејот на Македонија соопшти дека зградата покрај физичко обезбедување има и видео мониторинг.