Архолошки истражувања во реон на Пробиштип-откриени сонди со два културни хоризонти
СКОПЈЕ / 13.11.13 / 15:30
Тимот од археолози при Музејот на Македонија ги заврши археолошките истражувања на локалитетот Вршник во близина на с. Пишица, веднаш до магистралниот пат Штип-Пробиштип.
Во текот на истражувањата, како што соопшти Министерството за култура, бил пронајден движен археолошки материјал - керамика од мешан карактер, керамика работена на грнчарско колце и рачно работена керамика која, според своите карактеристики, може да се поврзе со македонско-хеленистичкиот период, додека откриената рачно работена керамика, според своите карактеристики, се поврзува со раното железно време.
Во откриените сонди се забележани два културни хоризонта. Помладиот е од македонско-хеленистичкиот период, кој делумно го девастирал постариот хоризонт од раното железно време.
Од помладиот хоризонт се зачувани архитектурни структури на некоја помала населба која, најверојатно, постоела кратко време, што се потврдува со еднослојноста на оваа населба.
Постариот хоризонт од раното железно време е доста уништен од помладата хеленистичка фаза, а од овој хоризонт се зачувани остатоци од архитектурни структури и голем број големи садови за складирање - питоси, кои индицираат постоење на поголема населба од железното време.
Со оглед на тоа што реонот на општина Пробиштип досега се сметаше за терен што е мошне слабо археолошки истражен, археолошките истражувања на локалитетот Вршник кај с. Пишица - Пробиштип за првпат овозможуваат увид во археолошкото богатство на пошироката територија на оваа општина.
Со тоа, овој локалитет се наметнува како еден од позначајните археолошки пунктови во овој дел од Република Македонија.