ДОМ протестира против уништувањето на сириското хемиско оружје во Албанија
СКОПЈЕ / 14.11.13 / 13:45
Демократската обнова на Македонија (ДОМ) денеска упати апел до македонската Влада да испрати нота до Владата во Тирана, преку која ќе побара од Албанија да се откаже од намерата за уништување на хемиското оружје од Сирија на нејзино тло.
„Апелираме и до сите дипломатски претставници во Република Македонија преку својата дипломатска мрежа да упатат загриженост до своите Влади за можноста од уништување на хемиско оружје на европско тло, а со тоа заеднички да спречиме идна еколошка катастрофа на Балканот“ се вели во соопштението на ДОМ.
Оваа партија со зелена опција исто така упати апел и до претставниците на албанската политика и Организацијата за забрана на хемиско оружје, да се откажат од идејата за уништување на 1300 тони сириско хемиско оружје во близината на Елбасан.
„Тоа е премногу опасна и сериозна операција и за високо развиени земји, како на пример Норвешка која го одби овој предлог. Во моментов Албанија не може да се справи со 16 тони хемиско оружје на нејзината територија, а замислете како би постапила со 1300 тони сириско хемиско оружје. Воедно сакаме да ја поддржиме и ја поздравуваме битката која ја водат политичките партии и невладини организации од Албанија, по ова прашање и искажуваме подготвеност да помогнеме во нивната борба до конечно откажување од одлуката“, се вели во соопштението.
Оваа партија смета дека таквата операција може „да ја загрози животната средина не само во Албанија, туку и во Македонија и пошироко на Балканот“.
„Молиме одговорните за носењето на оваа одлука да размислат, да анализираат и да постапат чесно кон невините и доволно намачени луѓе на Балканот, кои со мака се справуваат со старите историски загадувања, со новите загадувања од индустријата која сеуште е неприлагодена на еколошките стандарди, како и со разните отрови, познати и непознати што им доаѓаат од земји и краишта со сомнителен квалитет и зафатени од воени пожари“, стои во соопштението.
Во него се додава дека балканските простори , не така одамна „се соочија со загадувањата од воени дејствија. Како последица на тоа Македонија има голем пораст на малигни заболувања од бомбардирањето на Косово во 1999, а состојбата е иста и во другите соседни земји“.