Заев демантира дека има “канибалистички афинитети“
СКОПЈЕ / 18.12.10 / 18:24
Потпретседателот на опозициониот СДСМ Зоран Заев демантираше дека од партиска трибина порачал оти “ќе јадат живи луѓе и ќе вработуваат свои членови“ кога повторно ќе дојдат на власт.
Тоа произлезе од соопштение кое денеска го објави владеачката ВМРО ДПМНЕ, цитирајќи изјави на Заев од негов настап на партиска трибина во Валандово.
“Во целост ги демантирам и отфрлам ваквите секвенци од мојот настап во Валандово заради тоа што претставуваат флагрантно вадење од контекст. Со бришењето и непуштањето на речениците пред и после објавените секвенци на зборовите од мојот настап, апсолутно е изрежирано и измонтирано сценарио кое има за цел исклучиво создавање на лоша слика за мене и мојата партија“, се вели во демантот на Заев.
Претходно, ВМРО – ДПМНЕ преку соопштение во шест точки сумираше пораки на Заев до партиското членство, најавивајќи, наводно, меѓу другото, смени на сите нивоа на власта од хигиеничар до министер.
“Ако почитувани социјалдемократи пред се, Ве прашаат што со пренатрупаната државна администрација од страна на ВМРО-ДПМНЕ да им кажете дека Заев беше во Валандово и рече дека ги бркаме, ќе ги избркаме од работа и тоа да го знаат. Свесни и сме дека ако сакаме да бидеме на власт ќе влеземе тимски. Од хигиеничар до министер, во секој ресор во државата и така имаме намера да ја водиме РМ. Велат вие сте меки луѓе, вие заборавате велат ќе одмине времето и ќе бидете пак исти, ве знаеме да им кажете исто така беше Заев, апсениот Заев, живи луѓе има да јадеме после тоа“., стои во соопштението на владеачката партија.
Демантирајќи ги овие како што тврди “секвенци исценирани од ВМРО – ДПМНЕ“, Заев соопшти дека “пред или после овие секвенци одат мои зборови кои повикуваат на заедништво, кои повикуваат да се сопре теророт и притисокот врз сите ониe кои не се членови на владејачката партија, одат зборови кои пуштаат апел за да се промениме сите кон подобро, да се водиме од љубовта кон Македонија.“./крај/(еР) ег