Платите на швајцарските банкари- највисоки во Европа
ЖЕНЕВА / 3.04.14 / 21:03
Извршниот директор на швајцарската „Креди Суис“ банка Брејди Дуган важи за еден од најплатените челници во европскиот банкарски сектор во минатата година.
Тој лани заработил вкупно 9,8 милиони франци, два милиони повеќе од 2012 година.
Основната плата на Американецот Дуган останала неизменета и изнесувала 2,5 милиони франци, објави швајцарскиот весник 24 часа.
Компанијата „Креди Суис“ за платите на деветочлениот Управен одбор минатата година издвоила вкупно 64,8 милиони франци, додека во 2012 година, кога во тој орган имало 13 члена, издвоила 74,1 милион франци.
Вкупниот минатогодишен приход на претседателот на Административниот совет на групацијата, Урс Рохнер од 4,9 милиони франци бил помал отколку во 2012 година кога изнесувал 5,2 милиони.
Минатогодишното издвојување на „Креди Суис“ за платите на членовите на Административниот совет изнесувало 12 милиони франци, додека во 2012 година изнесувало 13 милиони.
На референдумот одржан кон крајот на минатата година, мнозинството Швајцарци не ја поддржаа иницијативата за ограничување на платите на директорите.
Предлогот што го иницираа Младите социјалисти подразбираше дека платите на менаџерите не можат да бидат поголеми од 12 плати во однос на платите на најмалку платениот вработен во истата компанија.
Швајцарците во март минатата година, со уверливо мнозинство на референдум изгласаа за највисоките менаџери да се ограничат големите бонуси и да се забранат огромните отпремнини што им се даваат при нивното заминување од компанијата, таканаречените златни ракувања.
Обата референдуми беа одраз на гневот на Швајцарците на извештаите дека некои од водечките менаџери во земјата заработуваат и повеќе од 200 пати повеќе од нивните вработени.
Извршниот директор на Креди Суис банката во еден момент заработувал 820 пати повеќе од вработените со најниски примања во банката.