Нова опасна дрога се појави на македонскиот нарко пазар - eReporter
eReporter | Независна Новинска Агенција - eReporter.com.mk
среда, април 30, 2014 - 04:43
| | Големина на текст:   
| | | | | | |

Нова опасна дрога се појави на македонскиот нарко пазар

СКОПЈЕ / 3.04.14 / 13:24
Полицијата денеска предупреди дека на нарко-пазарот во земјата се појавила нова дрога која го загрозува здравјето и животите на голем број лица.

Според полицијата, Битола е градот каде што за прв пат е регистрирана новата дрога која во нарко круговите е позната под неколку различни имиња како „bath salts”, „Blow”, „research chemicals”, „Explosion” и други.

Карактеристично за оваа дрога е што станува збор за стимуланс на централниот нервен систем, сличен на кокаинот и амфетамините.

Тоа што треба да ги загрижува граѓанитеи ризичната популација, како што се наведува во соопштението, е фактот дека оваа дрога и дополнителните дејствија од неа во последните години биле причина за смрт на 99 лица во земјите членки на Европската Унија. Хемиското име на дрогата е метил-ендиокси-пировалерон или скратено МДПВ.

Полициски службеници од Одделот за недозволена трговија со дрога при СВР Битола при преглед кај битолчанка, нашле едно пакување со непозната прашкаста материја и цевче со траги од прашкаста материја кои биле одземени и испратени на вештачење во Одделот за крим-техника на МВР.

Вештачењето покажало дека прашкастата материја со маса од 0,3 грама претставува токму метил-ендиокси-пировалерон. Потоа при претрес во домот на друго лице во с.Трново, битолско, исто така била пронајдена непозната прашкаста материја, за која било утврдено дека станува збор за 10,17 грама метил-ендиокси-пировалерон.

При прeтрес кај лица меѓу кои и братот на девојката од Битола, била пронајдена истата материја. За точно утврдената количина се уште се чека вештачење.

Во сите случаи кога лицата конзумирале МДПВ , општа карактеристика е дека биле агресивни, со неконтролирани движења, хиперактивни, а две под дејство дрогата извршиле и разбојништва.

Бидејќи новата супстанција била непозната, а лицата кај кои е пронајдена при давањето на исказ тврделе дека не е дрога и кај нас не е забранета, полицијата веднаш реагирала и го известила Министерството за здраство, односно Секторот за Контролирани супстанции. Од таму бил добиен повратен одговор дека станува збор за нова дрога на пазарот, која е синтетичка верзија на кокаин.

Полицијата соопшти денеска дека поради овие сознанија се проширени и дополнети листите за класификација на супстанции.

Меѓуресорската државна комисија одлучи да ја забрани оваа супстанција и таа во Службен Весник бр. 56 од 27.03.2104 година, таа е внесена во прва категорија на опојни дроги.

Освен оваа супстанција, во дополнетата класификација се внесени и 14 други нови наркотици и нивните мешавини. Меѓу нив има дроги што предизвикуваат психоделични ефекти, аналгетици со 80% од моќноста на морфинот, аноректични дроги, односно супресанти на апетитот кои предизвикуваат параноја, халуцинации, анксиозност и депресија, деривати на амфетамини и други.

Појавата на нови дроги, како што констатира полицијата, за жал е особено зачестена изминативе години со засилениот развој на науката. Од 2005 година до сега на ниво на Европската Унија се пријавени дури 300 нови видови на наркотици.

Полицијата на краојот од соопштението уште еднаш алармира дека новооткриената дрога , која меѓу другото има и својство да го стимулира намалувањето на апетитот - што би можело да ја направи поатрактивна за младите - е исклучително опасна за конзумирање.








| | | | | | | | |
Последни
Најчитани
    Избор на Уредникот
    powered by 1cm.com.mk - Web Development