Македонија чествува 10 години од смртта на Борис Трајковски - eReporter
eReporter | Независна Новинска Агенција - eReporter.com.mk
четврток, март 06, 2014 - 03:57
| | Големина на текст:   
| | | | | | |

Македонија чествува 10 години од смртта на Борис Трајковски

СКОПЈЕ / 26.02.14 / 00:23
Македонија денеска ја чествува 10-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници кои ги загубија животите во авионска несреќа.

Во земјата се организираат пригодни настани во спомен на човекот што се залагаше за подобра иднина на сите граѓани и беше силен поборник за евро-атланска перспектива на државата.

По повод чествувањето, актуелниот шеф на државата д-р Ѓорге Иванов престојува во Босна и Херцеговина. Претседателот Иванов и владина делегација денеска во Ротимље ќе положат венец на спомен-обележјето каде што загинаа претседателот Трајковски и членовите на делегацијата.

На одбележувањето во Ротимље ќе присуствуваат и претставници на Армијата на Република Македонија и на властите од Босна и Херцеговина.

Во рамки на чествувањето се одржа Комеморативна академија во новиот објект на Македонскиот народен театар на која се обрати претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој зборуваше за заложбите и пораките на Трајковски.

Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта цвеќе на гробот на Трајковскиќе положат семејството и државни делегации.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден пред десет години во авионска несреќа во близина на Мостар.

Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар.

Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време.Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќаи дека врши полна процедура при слетувањето.

Но, Македонија побара нова истрага за до крај да се расчистат сите сомнежи за несреќата.

Босанските власти соопштија дека последните наоди од страгата ќе ги објават кон крајот на март или на почетокот од април годинава.



| | | | | | | | |
Последни
Избор на Уредникот
powered by 1cm.com.mk - Web Development