ФЗО: Нова група помагала за олеснување на осигуреници
СКОПЈЕ / 18.02.14 / 17:31
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) воведе нова група помагала со кои значително им се олеснува животот на над 8.000 лица и нивните семејства.
Во соопштението на Фондот се истакнува дека станува збор за суплементи за дигестивни и метаболни заболувања, и тоа безглутенско брашно за лицата заболени од Rett Syndrome и безпротеинско брашно и млеко за лица заболени со фенилкетонурија, по барање на осигурени лица.
Станува збор за ранлива група на граѓани кои во својата секојдневна исхрана не можат да вклучат продукти кои ги содржат протеините глутен и фенил аланинот, а при тоа сериозно да не го нарушат сопственото здравје.
Со воведување на оваа измена на Правилникот ФЗОМ овозможи на лицата заболени од Rett Syndrome и Фенилкетонурија да го остварат своето право на овие суплементи на товар на Фондот, а станува збор за три лица заболени од Rett Syndrome и 10 лица со фенилкетанурија.
Семејствата на овие осигуреници досега приватно ги плаќаа овие суплементи кои се движат од 4000 денари за безглутеинското брашно, до 20.000 денари за безпротеинското брашно и млеко во зависност од количината месечно.
Со втората одлука на Фондот се овозможува кратење на 164.000 посети на годишно ниво кај матичниот и ПС на ФЗОМ.
ФЗОМ воведe пропишување потврди за ортопедски помагала за 180 дена и отд сега осигурениците со само една посета на матичен лекар, ќе добиваат потврди за шест месеци за следните помагала:
- За едноделен и дводелен систем за уростома, илеостома и колостома (вештачки отвори),
- Нелотен катетар,
- Пелени и влошки за инконтиненција
Ваквата измена на Правилникот има за цел да им ја олесни постапката на осигурените лица - корисници на помагалата за инконтиненција на кои потврдите им се издаваат по препорака на лекар специјалист, наод оценка и мислење од Лекарската комисија, а ги пропишува избраниот лекар.
Со оваа измена на Правилникот, по пример на хроничниот рецепт за лекови се овозможува издавање и заверување на потврди за 180 дневна количина на потребното помагало со само една посета на матичен лекар, додека подигнувањето на помагалото во ортопедските куќи ќе биде на месечно ниво.
Осигурениците до сега одеa прво на матичен, па до подрачна служба и на крај да го подигнат помагалото од ортопедската куќа, на месечно ниво, а сега се овозможува 20 помалку посети на осигурениците кај избраниот лекар и подрачните служби на годишно ниво.
Станува збор за 8.200 лица корисници на овие помагала и со оваа измена се намалуваат 164.000 посети на годишно ниво кај матичниот и ПС на ФЗОМ.