„Стремеж“ воспостави соработка со „Инчентин версис“
Скопје / 19.04.11 / 12:33
Македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“ воспостави соработка со електронското списание за поезија „Инчентин версис“ со седиште во Индија.
Истовремено, македонскиОТ поет Јовица Тасевски - Етернијан, кој е уредник во редакцијата на „Стремеж“, е именуван и за уредник-консултант на „Инчентин версис“.
Соработката предвидува во „Стремеж“ да бидат објавени три селектирани поетски прилози со највисоки естетски вредности од „Инчентин версис“, препеани на македонски јазик, а за
возврат, во секој број на индиското списание ќе биде одвоен простор за претставување на најмалку еден македонски поет.
„Инчентин версис“ е современо електронско списание за поезија што се објавува на англиски јазик и излегува четири пати годишно. Уредничкиот одбор на списанието има
интернационален состав и во него освен индиски писатели се вклучени и автори од САД.
Главен уредник е професор Рамеш Чандра Мукопадаја, троен магистер по англиски јазик, англиска книжевност и компаративна книжевност и доктор по индиска книжевност, а одговорен уредник е еден од најафирмираните помлади
индиски поети, Сонет Мондал. Освен поезија, во списанието се објавуваат и
критички осврти за поетски книги, како и научно-истражувачки трудови за познати
светски автори.
Воспоставената соработка меѓу „Стремеж“ и „Инчентин версис“ наиде на позитивен одглас во неколку светски медиуми од областа на културата. Во освртот објавен во американското списание за уметност и култура „ЕРИ Џемс“, авторот Рон Мареј истакнува дека на тој начин „традицијата му подава рака на 21 век“ и дека „оваа соработка отвора прозорец за запознавање на поетите со македонската, како и со современата европска
литература“.
Во информацијата објавена во еден од најчитаните книжевни портали „Азија врајтс“, пак, се истакнува дека оваа соработка ќе придонесе да се развијат нови доживувања на поезијата и дека истовремено им овозможува на објавените автори да бидат видливи онлајн и претставени во печатено списание./крај/еР