Археолозите работат со полна пареа во Стоби
СКОПЈЕ / 27.09.13 / 12:10
На археолошкиот локалитет Стоби заврши конзервацијата на метални предмети и камени споменици, а во завршна фаза е и конзервацијата на стаклени предмети и керамички садови пронајдени на овој археолошки локалитет.
Археолозите интензивно работат на проектот за конзервација на полукружниот плоштад и на мозаикот во крстилницата на Епископската базилика.
Во текот на летото беа конзервирани сите 72 фрагменти, или површина од 180 м2 од мозаикот во старата Епископска базилика кои биле отстранети од нивната оригинална позиција уште во 1991 година.
Овој впечатлив мозаик, како што соопшти Министерството за култура, се очекува наредната година да биде поставен во базиликата и да и биде изложен на јавноста.
На локалитетот Стоби наскоро треба да започне и реализацијата на проектот за конзервација на источната половина од гледалиштето на театарот со што ќе се изврши предвидената санација на ѕидовите во централниот коридор, како и конзервација и реконструкција на лежиштата за мермерните седишта.
Во рамките на едукативните активности кои се реализираат на овој локалитет, повеќе од 40 студенти и волонтери од САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Швајцарија, Кина и од други земји беа дел од трите летни школи за конзервација на керамика и на мозаици и за археолошки ископувања како резултат на соработката со фондацијата Балканско наследство.
Археолошкиот локалитет Стоби од почетокот на оваа година го посетиле повеќе од 12.000 домашни и странски туристи.