Македонски поет именуван за член на издавачки совет на угледно индиско списание
СКОПЈЕ / 31.07.13 / 09:26
Македонскиот поет, критичар и есеист Јовица Тасевски-Етернијан e именуван за член на издавачкиот совет на угледното индиско научно списание „Сајбер литература“.
За членови на советот, заедно со македонскиот поет, се именувани и д-р Даниел Селден од Универзитетот на Калифорнија и познатата американска писателка со еврејско потекло, м-р Мишел Коен Корасанти.
„Сајбер литература“ е референтно списание кое излегува на англиски јазик и во него се објавуваат научно-истражувачки трудови од областа на литературата, уметноста и општествено-хуманитарните науки.
Членови на редакцијата се професори од неколку индиски универзитети, а издавачкиот совет има интернационален состав. Списанието е вклучено во Директориумот на референтни научни списанија на слободен достап.
Именувањето на Јовица Тасевски-Етернијан за член на издавачкиот совет на списанието е извршено по доставените референци за нашиот автор од страна на одговорниот уредник, проф. д-р Раџендрапрасад Шинде. Со неговото именување се отвора простор за поширока афирмација на македонската литература преку оваа референтна публикација. Во новиот број на списанието е објавена книжевна студија од проф. д-р Венко Андоновски, насловена „Писател од европски постмодерен формат“, за прозниот опус на еден од најпознатите и најнаградувани македонски писатели Блаже Миневски, со посебен акцент на неговиот роман „Нишан“.
Јовица Тасевски - Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави. Го има добиено интернационалното признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителен придонес во современата поезија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Британското поетско друштво иСветското поетско друштво.