Исхраната во бременоста поврзана со дебелината на децата
Велингтон / 19.04.11 / 12:27
Лошата исхрана во бременоста може да му наштети на ДНК-то на бебето во матката, зголемувајќи ја подоцна опасноста од дебелина, срцеви болести и дијабетес, покажува меѓународна научна студија.
Група меѓународни експерти преку своето истражување за прв пат научно ја докажа врската меѓу исхраната во бременоста и дебелината на децата.
„Тоа е големо откритие затоа што прв пат располагаме со податоци за изработка на оптимална исхрана за идните мајки“, изјави денеска професор Питер Глукман од Институтот Лигинс при универзитетот во Оукланд, Нов Зеланд.
„Тоа може да варира од една до друга мајка, но би можело да биде важно оружје во совладувањето на „епидемијата“ на прекумерна тежина“, додаде Глукман.
Студијата на научници од Британија, Нов Зеланд и од Сингапур покажува дека тоа што мајката го јаде за време на бременоста има влијание на ДНК-то на нејзиното дете, преку процес наречен епигенетска промена.
Децата со покачено ниво на епигенетска промена ќе развијат метаболизам што ги „задржува маснотиите“ и ќе станат сколни на дебелеење. Таквите деца тежат околу три килограми повеќе од останатите во периодот од шестата до деветтата година, истакна професор Глукман.
„Таа прекумерна тежина е многу важна во тој период“, додаде тој, истакнувајќи дека таквиот вишок манотија ги има сите шанси да остане и подоцна, зголемувајќи ја опасноста од дијабетес и срцеви проблеми подоцна во животот./крај/еР/амп