Македонската фолк дива Сузана Спасовска непожелна во Грција - eReporter
eReporter | Независна Новинска Агенција - eReporter.com.mk
петок, септември 20, 2013 - 04:56
| | Големина на текст:   
| | | | | | |

Македонската фолк дива Сузана Спасовска непожелна во Грција

СКОПЈЕ / 15.09.13 / 13:12
Македонската фолк дива Сузана Спасовска е проглсаена за непожелна личност во Грција откако тамошните гранични власти ја принудиле да потпише документ со кој се регистрира за личност непожелна за влез во земјата.

Во отвореното писмо до медиумите Спасовска наведува дека на 6 септември при обид транзитно да мине преку Грција до Турција била спречена од грчките гранични служби на граничниот премин Евзони да влезе во земјата.

„Со голема доза на зачуденост од постапката и на прашањето зошто не можам транзитно да поминам, грчките граничари одговорија дека има некаков проблем со компјутерскиот систем, кој не дозволува да ме регистрира како лице кое може слободно да се движи низ нивната територија. Во меѓувреме испечатија формулар на грчко-српски јазик кој ми го подметнаа да го потпишам, чин што јас одбив да го сторам со барање за објаснување од нивна страна“, вели Спасовска во писменото обраќање.

Таа додава дека наместо објаснување, добила условување дека доколку не го потпише формуларот, нема да ја добие назад нејзината патна исправа, ниту ќе и биде дозволено да се врати назад кон македонскиот граничен терминал.

„Веројатно, следниот чекор беше мое приведување. Документот ме регистрира во грчкиот национален регистар како личност која е непожелна за влез во Грција со необјасниви причини. И покрај моето инсистирање да добијам објаснување за нивната постапка, наместо тоа дрско и со висок тон од страна на грчките граничари бев условувана по секоја цена да го потпишам документот, што на крајот морав да го сторам“, вели Спасовска.

Таа претпоставува дека причина за постапката на грчките власти, која таа ја квалификува како инцидент, е нејзиниот настап на Првиот семактедонски собир на Македонците во воденскиот крај на 15 јули годинава.

„Имено, на 15 јули 2013 година, бев поканета од Македонците во воденскиот крај да настапам на Првиот семакедонски собир со мој репертоар на нивната манифестација, која од се срце ја прифатив, а на која учествуваа и повеќе културно-уметнички друштва кои го негуваат македонскиот фолклор. Пред настапот организаторот беше предупреден од грчки групи дека би било подобро да се откаже мојот настап со македонски песни.

Спасовска објаснува дека „и покрај таквото условување, музичката програма започна, но дојде до прекин на снабдувањето со електрична енергија со цел концертот да не продолжи. На инсистирање на бројната македонска публика концертот сепак продолжи и заврши без никакви понатамошни проблеми“.

„Со оваа моја реакција не сакам да привлечам никакво медиумско внимание заради публицитет, бидејќи тоа не е мој начин на работа, ниту на таков начин го сфаќам работењето на естрадата. Со оваа моја реакција сакам да упатам сериозна критика до грчките власти, кои политичките проблеми со Република Македонија ги пренесуваат на македонските уметници, музичари и културни работници.“, наведува Спасовска во нејзиното писмено обраќање до медиумите.




| | | | | | | | |
Последни
Најчитани
Избор на Уредникот
powered by 1cm.com.mk - Web Development