МВР возвраќа: Лицата кои го узурпирале земјиштето тоа го правеле политички
СКОПЈЕ / 12.09.13 / 16:50
Министерството за внатрешни работи, реагирајќи на обраќањето на првиот човек на општина „Центар“ Андреј Жерновски по повод полициската акција против паркобранителите, наведува дека „лицата кои го узурпирале земјиштето, тоа го правеле политички“.
МВР истакнува дека корисникот на земјиштето за спорната локација, преку општина Центар, ја има прибавено целата неопходна законска документација.
„Лицата кои го узурпирале земјиштето го правеле тоа политички, самоволно и надвор од сите важечки закони, нанесувајќи му материјална штета на корисникот“, аргументира МВР.
Во соопштението се нагласува дека полициската асистенција била „во согласност со законските норми“ и оти „нема ниту една претставка или поплака на полициското постапување“.
МВР заклучува дека „врвот на СДСМ или не ја познава законската регулатива или намерно застанува на страна на прекршителите на законот“.
„СДСМ практично предлага дека кој сака, кога ќе посака може да влезе во сечиј дом и институциите не смеат да помогнат иако граѓанинот поседува доказ за сопственост. Граѓаните знаат дека форсирањето на ваква политика на непочитување на законите, самоволие и анархија е погубно за секоја држава. Граѓаните знаат дека ваква политика на штитење на нечии лични интереси и игнорирање на законите можеби наликува на мрачното минато на Македонија од времето на Бранко Црвенковски, но не и на земја аспирант за влез во евро-атлантските асоцијации“ , се вели во соопштението.
На крајот МВР наведува дека „работело, работи и ќе продолжи да работи согласно законите, постапувајќи неселективно и во одбрана на демократијата“.