Отворена манифестацијата „ Звуците на чаршијата “
СКОПЈЕ / 12.09.13 / 17:05
Во срцето на Старата скопска чаршија, денеска по осми пат свечено беше отворена еднодневната културната Манифестација „Звуците на чаршијата 2013“, што ќе заврши вечерва на полноќ со традиционална албанска софра и со музика од Еди Фура Оркестар и Синан Власалиу во Куршумли ан.
Манифестацијата започна поплладнево кај Капијата на Старата чаршија со настапот на „Прима данца“, на платото пред џамијата, членовите од АНПИ „Емин Дураку“ настапија со flash mob-модерен танц со топки, а ликовни уметници беа дел од еднодневната колонија.
Симфонискиот оркестар и хорот „Про арс“ на плоштадот Скендербег ја изведоа деветата бетовенова симфонија „Ода на радоста“. Веднаш по нив настапија бендот „Златна труба-Левис“ и дуото „Артан и Оли“.
Во периодот од 17 до 19 часот во Старата скопска чаршија ќе се одржи и чаршиската книжарница на отворено, а ќе биде проектиран и документарен филм за Старата чаршија.
„Старата скопска чаршија е душата на овој град, а со оваа Манифестација ја продолжуваме традицијата на заживување на ова наше препознатливо јадро. Сите посетители, денеска, до доцна во ноќта ќе може да проследат богата програма од разни жанрови на уметноста на неколку локации карактеристични за овој специфичен споменик на културата, но и настани кои се дело на разни култури што веќе со векови го градат соживотот во Чаршијата“, рече директорката на КИЦ, Сермине Пурини.
„Звуците на чаршијата“ е мултикултурна и мултимедијална манифестација којашто има за цел да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини.
За реализација на оваа градските власти од буџетот издвоија 700.000 денари.