Жерновски:власта покажува карактеристики на тоталитарен режим
СКОПЈЕ / 12.09.13 / 15:26
Градоначалникот на централната скопска општина Андреј Жерновски ја осуди денеска синоќешната акција на полицијата за отстранување на паркобранителите пред Бристол и оцени дека власта „покажува карактеристики на тоталитарен режим“.
„Очигледно е дека вчера во центарот на главниот град имаше полициски час и полицијата го ограничуваше движењето на граѓаните во околината на паркот пред Бристол. Ова е уште еден апел до граѓаните на Центар за да сфатат дека си имаме работа со една власт која покажува карактеристики на тоталитарен режим, изјави Жерновски.
Тој соопшти дека синоќа 200 специјалци им се спротивставиле на десетина млади граѓани кои го изразувале своето незадоволство поради сечењето дрвја на просторот спроти хотелот.
На новинарите по повод акцијата денеска им се обрати и советникот Дарко Атанасовски кој и самиот бил уапсен во полициската интѕервенција.
Според него „случката била како на филм“.
Атанасовски објасни оти синоќа во 02,00 часот прво биле исклучиле уличните светилки , потоа полицијата пристапила со неколку возила со кои „паркобраните“ биле приведени и однесени во полициската станица во Кисела Вода.
Пприведените биле задржани во полициската страница до 06,00 часот изутрината, а добиле и прекршочна пријава за нарушување на јавната чистота.
„Таму бев пред се како граѓанин, а потоа како советник на општината Центар избран од граѓаните. Можам само да кажам дека и понатаму ќе работам за интересот на граѓаните и дека ќе продолжам да се борам за да се заштити зеленилото во нашата општина“, рече Атанасовски.
Инаку, на плацот кај хотелот Бристол во центарот на Скопје, каде што треба да се гради нова зграда на Советот за радиодифузија, веќе отпочнаа градежни зафати.
Во овој дел на градот е уште видливо зголемено присуство на полицијата.