Гром:„Циркус со евентуалната кандидатура на Иванов“
СКОПЈЕ / 25.02.14 / 15:21
Граѓанската опција за Македонија- Гром реагира по повод иницијативата за повторно кандидирање на актулниот шеф на државата Ѓорге Иванов за втор претседателски мандат и повикува на почитување на законите.
Оваа партија која, како што се напоменува во соопштението, смета дека се случува „циркус“ со кандидатурата на Иванов, укажува на потребата актуелниот шеф на државата „да ги почитува законите“.
„Или господинот Ѓорѓе Иванов ќе собере 10.000 потписи и ќе биде кандидат за претседател на Република Македонија или ќе го предложат 30 пратеници во собранието на Република Македонија. Оттаму, не ни е јасно каква е оваа пародија со наводните поддршки и наводните потписи од неговите пријатели за негово кандидирање?- изјави на лидерот на Гром Стевчо Јакимовски.
Тој укажува дека „ако толку го сакаат господинот Ѓорѓе Иванов , тие (пријателите) треба да се потрудат да му соберат 10 000 потписи за да биде легитимен кандидат на овие претседателски избори, затоа што се ова што се случува е една голема пародија“.
„Јас мислам дека господинот Иванов треба да се одважи и да собере храброст, да си поднесе кандидатура на конкурсот на неговата партија, да ја голтне таа кнедла со конкурсот на кој тој треба да се пријави. Во спротивно, вака навистина правиме циркус од канидадурата за претседател на Република Македонија“, вели Јакимовски.
Реакцијата на Гром дојде пред Иванов и официјално да соопшти дека ја прифаќа иницијативата да се кандидира за втор претседателски мандат, соопштувајќи дека ќе ја поднесе својата кандидатура на конвенцијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.