Иванов во Прага кон крајот на неделава
ПРАГА / 25.02.14 / 12:26
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во четврток и петок ќе престојува во Прага на покана на својот колега, чешкиот претседател Милош Земан, објави денеска чешката новинска агенција ЧТК, повикувајќи се на изјавата на портпаролот на чешкиот претседател.
Македонија , како што наведува агенцијата, е една од земјите кандидати за зачленување во ЕУ. Нејзиниот прием, заедно со влегувањето на другите земји од западен Балкан, е еден од приоритетите на чешката надворешна политика.
Земан, кој себе си се нарекува „еврофедералист“, ќе разговара со Иванов во прашката тврдина, каде што се наоѓа седиштето на шефот на државата, ден откако ќе се врати по посетата на Европскиот парламент.
Чешката новинска агенција, исто така потсетува дека Македонија го очекува и приемот во НАТО.
Иванов, како што наведува агенцијата, повика пред две години Македонија да биде примена во Алијансата, а тогашниот чешки шеф на дипломатијата Карел Шварценберг изјави дека Прага го поддржува македонскиот прием во НАТо што е можно побрзо.
Агенцијата исто така истакнува дека Европската комисија (ЕК) веќе пет години по ред препорачува почеток на преговорите со Македонија, но оти конечна одлука се уште не е донесена.
Според ЕК, како што наведува ЧТК, Македонија ги исполнила сите неопходни критериуми, но оти мора да ја подробри имплементацијата на неопходните реформи и да ги зајакне слободата на изразување и независноста на судството.
Македонскиот прием, истканува ЧТК, е исто така блокиран поради долгогодишниот спор со Грција за тоа дали земјата или северниот грчки регион имаат право да го користат името Македонија.