ВМРО НП- Предлог декларација за евроатланска интеграција
СКОПЈЕ / 10.04.11 / 13:27
Во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори, со цел остварување на стратешките интереси и определби на Република Македонија, пред се градење на позиции за Евро-атлантска интеграција на Република Македонија, политичките партии во Република Македонија ја потпишуваат оваа ДЕКЛАРАЦИЈА
За Евро-атлантска интеграција на Република Македонија
Политичките партии јасно ја декларираат својата определеност за стабилност, демократија и просперитет на Република Македонија;
Политичките партии свесни за историската важност на овој момент за македонските Евро-атлантски аспирации, со цврста заложба за надминување на теснопартиските интереси и меѓупартиските несогласувања, целосно се посветуваат на исполнувањето на условите и критериумите за влез на Република Македонија во НАТО и ЕУ;
Политичките партии со потпишување на оваа Декларација, јавно ги информираат граѓаните на Република Македонија дека од нив го бараат мандатот за затворање на процесот на преговори со Република Грција, со решавање на проблемот поврзан со името, а се со единствена цел итно интегрирање на Република Македонија во ЕУ и НАТО структурите;
Согласно оваа Декларација, партиите кои ќе ја формираат следната Влада на Република Македонија, добиваат мандат да го затворат проблемот со Грција во најбрз можен рок;
Согласно ова Декларациија, партиите кои ќе останат во опозиција, ја преземаат обврската да дадат целосна подршка и согласност на решенито на новата влада на Република Македонија;
Со потпишување на оваа Декларација, истата ќе претставува документ, кој ќе претставува замена за потребата од било какво референдумско изјаснување, а политичките партии ја преземаат одговорноста пред граѓаните на Република Македонија, дека прашањето поврзано со преговорите со Република Грција ќе биде затворено со политичка одлука.
Информацијата од денешната прес конференција на ВМРО-Народна партија, каде беше презентирана партиската декларација за Евро-Атлантска интеграција на Република Македонија.
*Агенцијата еРепортер им го отстапува просторот на политички партии, институции и здруженија, и ги пренесува нивните соопштенија интегрално и без какви било измени. Одговорноста за содржината на соопштенијата е исклучиво нивна.