Црвенковски: Охрид и Пештани не се политика
Скопје / 10.03.10 / 17:13
Изјава на претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски по посетата на Пештани, Охрид, 10.03.2010
Како што можете и самите да се уверите овде состојбата нити е под контрола, нити е нормална, нити е редовна како секоја година. Ги споменувам само изјавите што во изминатиот период имавме прилика да ги слушнеме. Состојбата е критична, состојбата е тешка, пред се овде во Пештани, меѓутоа и по целиот брег на Охридското езеро. Она што уште повеќе загрижува се временскиве неприлики, новите врнежи од снег и дожд. Се наоѓаме во март месец кога може да дојде до нагло затоплување и нагло топење на снегот што може да ја влоши состојбата. Овие луѓе со својата неволја во која се наоѓаат не можат сами да се справат. Потребна е, неопходна е координирана помош пред се од државата во координација и со локалната власт, со локалната самоуправа тука. Треба да се види што треба веднаш да се направи за да се намали ризикот во овој момент од уште поголеми штети.
Можеби најголем проблем и најголема опасност е еколошката опасност, односно ризикот што постои заради прелевање на водите и мешање со септичките јами и да дојде до зараза и нарушување на здравствената состојба на луѓето овде. И тука е можеби точката на која најургентно треба да се делува. Доколку постојат технички можности, а граѓаните од Пештани ме уверуваат дека постојат, под најитно треба да се приклучи што е можно поголем дел од ова село на колекторот и на тој начин барем да се намали ризикот од болести кој очигледно постои тука. Исто така, уште во овој момент треба да се предвидат финансиски средства за помош на овие луѓе кои кога ќе се нормализираат временските прилики ќе дојдат во ситуација да мораат да ги вратат овие куќи, живеалишта во нормална состојба и да може нормално да се живее. Државата тука мора да помогне и со свои финансиски средства.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Дали со вашата посета денеска се дава политичка конотација на целиот овој случај?
Црвенковски: Овде нема политика, овде има реалност, овде има реални проблеми на овие луѓе кои живеат тука. Не е политика оваа јама полна со вода, подрумите полни со вода, куќите полни со вода, потпорните ѕидови што се рушат. Тоа е реален, тежок живот со кој се соочуваат овие луѓе кои живеат тука во Пештани. Ако треба да има политика, треба да има единствена политика и од страна на централната власт и од страна на локалната власт за да им се помогне на овие луѓе, бидејќи нити Премиерот нити Владата не се Премиер и Влада само на оние што ги гласале, туку на сите граѓани на Република Македонија. Нивна обврска е подеднакво, секаде каде што е потребно и неопходно да пружат помош и благовремено да делуваат.
Медиуми: Дали мислите дека доколку навреме се отвореше Дрим немаше да ја има оваа катастрофа?
Црвенковски: Апсолутно сум убеден и верувам во сите експертски и стручни аргументи кој што
беа јавно изнесени дека доколку навреме се овозможеше истекување на Охридското езеро и намалување на нивото на Охридското езеро ваква ситуација во Охрид и Охридско немаше да се случи или ќе беше од многу помали размери. Сега можеме да говориме што допрва може да се направи, меѓутоа мислам дека грешките се направени во претходниот период. Ние имавме прилика да ги слушнеме изјавите на првиот човек на ЕЛЕМ дека ова е вообичаена состојба како и секоја година. Не е вообичаена состојба. Дефинитивно ова е вонредна состојба и мислам дека и од страна на ЕЛЕМ е направен голем пропуст врз основа на кој денес неповолните временски прилики дополнително придонесуваат да дојде до потешка состојба.
Медиуми: Дали мислите дека после ова Владата треба да си поднесе оставка?
Црвенковски: Владата има милион причини да поднесе оставка. Ова е милион и првата.
*Агенцијата еРепортер им го отстапува просторот на политичките партии, пренесувајќи ги нивните соопштенија интегрално и без какви било измени. Одговорноста за содржината на соопштенијата е исклучиво на политичките партии.